блог

Одбегнете ги најчестите 10 грешки при интервју за работа

Image

Најдобриот начин да се одбегнат најчестите грешки при интервју за работа е да се планира и мисли однапред. Прочитајте кои се најчестите грешки при интервју за работа и како да не ги повторите!

1. Лажење

Иако е примамливо никогаш не функционира. Одбегнувајте невистини бидејќи кога тогаш вистината ќе се открие. Марк Твен изјавил „Ако ја кажувате вистината, никогаш нема да мора да помните што се сте кажале“.

2. Зборување негативно за претходните работодавачи

Преку глава ви е моменталната работа и се би дале да си одите бидејќи се однесуваат навистина лошо со вас? Интервјуто за нова работа не е место каде треба да барате одмазда. Земете во предвид дека оној што ве интервјуира ги слуша вашите одговори и размислува како би било да работи со вас. Запрашајте се дали вие сакате да работите со луѓе кои постојано критикуваат? Нели е тоа исцрпувачки? Доколку зборувате негативно за вашиот претпоставен или работодавач на интервјуто можете да оставите впечаток дека тоа е стандарден начин на размислување за вас или дека во иднина истото ќе го зборувате и доколку ве вработа. На тој начин вие правите да делувате лошо а не вашиот работодавач.

3. Да се биде непристоен

Доколку приметите дека сте биле непристојни, извинете се смирено и искрено. Потоа заборавете на тоа до крајот на интервјуто. Доколку размислувате за тоа може да ви го разниша целокупниот настап. Што значи непристојно? Тоа зависи и од самата публика. Одбегнувајте непристојни шеги за сензитивни теми или преголема блискост со оној што ве интервјуира. Сепак не сте на приватен состанок, останете професионални. Исто така земете во предвид дека сите кои ќе ги сретнете до салата за интервјуирање може да имаат влијание на процесот на селекција. Па така поздравете го учтиво рецепционерот, помладите членови во комапнијата, оној кој ќе ве послужи со кафе или вода итн..

4. Да се поплакувате

Добро, можеби животот не ве однел во права насока и досегашното искуство ви било кошмарно но верувајте, оној кој ве интервјуира не сака да го знае тоа! Поплакувањето воопшто нема да ви отвори врати, колку и да звучи безопасно. Не очекувајте да ве сожалуваат и темата на разговор да избега во погрешна насока.

5. Да зборувате за колеги со кои не се согласувате (отворено непријателство)

Во денешно време едно од стандардните прашања е како се справувате во конфликтни ситуации. Компаниите ја разбираат важноста од интерперсоналните врски во работната организација. Така што кога ќе ве прашаат за конфликтни ситуации или колеги осигурајте се дека нема веднаш да почнете со отворено непријателство или обвинувајќи други за пробелмот со кој сте се соочиле. Не си правите услуга на тој начин. Доколку ви се испушти нешто слично, извинете се умерено и продолжете понатаму со објаснување на што точно сте мислеле.

6. Да не се подготвите

Прочитајте го повторно своето CV и огласот за работната позиција непосредно пред интервјуто. Ќе се изненадите колку луѓе имаат дури и заборавено што напишале во биографијата. Додека огласот за работната позиција може да ви помогне при потенцирање на вештините кои се содржат во самиот оглас а вие ги поседувате. Понесете со вас пенкало и тефтер кои се уредни. Подгответе релевантни прашања и така ќе покажете дека позицијата ја сфаќате сериозно.

7. Да делувате премногу нервозно или премногу самоуверено

Доколку делувате премногу нервозно ќе мислат дека не сте доволно самоуверени за работната позиција. Од друга страна пак доколку делувате премногу самоуверено може да се стекне впечаток дека нема да се вклопите во тимот. Ако интервјуто го доживувате како посебно стресно побарајте помош од професионалци да ве подготват со техники за стекнување самодоверба.

8. Да оставите слаб прв впечаток

За жал првиот впечаток е најважен при секое интервју за работа. Доколку оставите слаб прв впечаток колку и да ви се останатите одговори успешни многу веројатно е да не ја добиете работата. Добриот прв впечаток ги поништува „недостатоците“ во понатамошниот тек на разговорот.

9. Не сте истражиле за компанијата

Како генерално правило, колку е попопуларен брендот толку повеќе ќе очекуваат да имате информации за компанијата. Со истражување за компанијата покажувате колку сте сериозни за работата. Пример од реално интервју за компанија производител на храна:

Кандидат: „Здраво г-ине Х, навистина би сакал да работам за вашата компанија. Мислам дека брендот е одличен и многу можам да придонесам кон маркетинг стратегијата на компанијата.“

Работодавач: "Во ред, што мислите за нашата дистрибуција во споредба со онаа на конкуренцијата?“

Кандидат: "Пааа....не знам навистина, немав време да го проверам тоа."

10. Да зборувате неповрзано и недоследно

Мора да внимавате на секој збор на оној што ве интервјуира. Така ќе покажете заинтересираност и ќе можете да одговарате конкретно на поставените прашања. Доколку се најдете во ситуација каде не сте доволно фокусирани, само насмевнете се, земете длабоко воздух и продолжете понатаму. Поставете прашање да избегнете непријатна ситуација и сосредоточете ги мислите!

Со успех!